На почеток пишував само песни. По стих-два дневно. Татко ми ме гледаше некако сомничаво, но ништо не ми велеше. Еднаш напишав цела песна. Тоа предизвика сериозна расправија во семејството. Со денови ми повторуваа дека тоа што го правам не оди на добро, дека пишувањето го уништува човекот, дека тоа единствено создава илузија дека сè е во ред. Не ги послушав, продолжив да пишувам. Седев затворен во својата соба, читав и скицирав раскази. Победив на конкурс за најдобра песна. Моите дома веднаш дознаа и тоа беше страшно. Мајка ми плачеше во спалната, а татко ми се обидуваше да биде рационален и да ме натера да сфатам дека пишувањето ме оддалечува од другите луѓе, дека потребно е да се работи нешто корисно за да се живее, а пишувањето е проклета работа. Повторно не бев послушен. Но веќе не можев да престанам, почнав да пишувам и раскази. Мојата девојка ме остави. Започнав да ги губам пријателите, презафатен со пишување, немав никогаш време за никој друг. Моите беа очајни. Еден ден победив на конкурс за најдобар расказ. Татко ми започна да пие. Брат ми престана да ми зборува. Мајка ми не знае кому да се обрати. Јас не знам да престанам со пишување.
Останав сам. Загубив сè. А за некој ден треба да ја објавам својата прва книга.
Останав сам. Загубив сè. А за некој ден треба да ја објавам својата прва книга.